За СДСМ протестите се фијаско на ВМРО-ДПМНЕ, Митева: Причина е ароганцијата на Мила Царовска

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Голема е веројатноста резултатите од спроведување на дигитализација со која ќе се укинат учебниците како основно средство за едукација да бидат поразителни, сметаат од ВМРО ДПМНЕ. Ја повикаа министерката Царовска задолжително да ги слушне барањата на родителите, учениците и наставниците.

„Нејзината улога е за нив и нивните потреби, а не обратно. Додека јавноста апелира да се развие план и програма како ќе се функционира на есен во училиште, Царовска се уште не дава никаков одговор. Во скандалозниот закон кој во Собранието се најде со европско знаменце јасно може да се процени дека постои голема можност учениците од прво и четврто одделение да останат без учебници за наставната програма“, рече Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.

Со реакција се јавија од СДСМ од каде што велат дека денешните протести зад кои стои ВМРО-ДПМНЕ се протести за да се заштитат нечии бизнис интереси и милионски договори.

„ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски продолжува со деструктивното дејствување против реформите во образованието, на штета на граѓаните. На ВМРО-ДПМНЕ не и е грижа ниту за учениците, ниту за образованиот систем, битни и се само партиските и бизнис интереси. Партијата предводена од Мицкоски организира протести и се обидува да ги манипулира родителите и учениците за да ги заштити милионските ексклузивни договори со одредена група издавачи“, посочија од СДСМ.

Од таму потенцираат дека лага е дека учениците ќе останеле без учебници. Со новото законско решение потенцираат дека ќе има нови, современи и достапни учебници, а дигитализирањето ќе значи само унапредување на наставата и осовремнување на начинот на учење.