„За плати се бориме, не молиме“ е мотото на протестот што Сојузот на синдикати на Македонија ќе го одржи на 1 Мај.
Работниците се повикуваат масовно да учествуваат за да побараат повисоки плати и подобри услови за работа.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, повикувајќи се на податоците од УЈП, вели дека повеќе од 260 илјади работници живеат со приходи под 600 евра.
„Ова е 50% од работната сила во Македонија која прима плата под 600 евра. Овие работници да не нè запираат на улица и да ни испраќаат пораки и да се жалат, туку да застанат со нас рамо до рамо и да покажат дека не се задоволни од висината на платата, од платата што ја носат дома на своите семејства. Со минималното усогласување на минималната плата од 1667 денари во март оваа година, и со зголемувањето на минималната синдикална кошничка за 3304 денари од почетокот на годината, покажува дека едно семејство – ако двајца работници се на минимална плата – им недостигаат средства дури и за најосновните прехранбени потреби.“, порача Слободан Трендафилов.
Според ССМ, во Македонија нема точни податоци за работници кои го загубиле животот на работното место. Синдикатот вели дека бројката е околу 30 годишно, додека, како што посочи Трендафилов, Инспекторатот за труд наведува помала бројка.
„Сметаме дека безбедните услови за работа се исто толку важни како и платата во нашето општество. Во Македонија, платата што ја добиваме во текот на една година, ако сме на минимална плата, изнесува околу 6.000 евра. Животот на еден човек, во зависност дали е осигуран за 100 или 200 денари, се вреднува од околу 5.000 до 10.000 евра доколку го загуби животот на работното место. Ова не смее да биде правило во Македонија – работник да го загуби животот на работа.“, вели Слободан Трендафилов.
Протестот на 1 Мај ќе започне во 11 часот пред Домот на работниците во Скопје. Се очекува учество на многу синдикати од различни сектори, вклучувајќи и некои кои веќе постигнале договори за зголемување на платите.
