За власта државнички говор – за опозицијата бледо обраќање на Пендаровски, како на аналитичар

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Спротивставени оценки на пратениците од власта и опозицијата во врска со годишното обраќање на претседателот на државата Стево Пендаровски. За Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ Пендаровски имал блед говор кој делувал како аналитичар. 

„Она што беше евидентно денеска од Стево Пендаровски е дека наместо како претседател да настапи, тој настапи како аналитичар. Тој треба да биде претседател на сите и не треба да делува како полтрон во одбрана на власта која ја носи Македонија во бездна. Се на се блед говор во кој неодминливо е застапено полтронството“, вели Владо Мисајловски.

Коректно излагање но повеќе како констатации без нудење решение, е оценката на Халил Снопче од Алијанса за Албанците.

„Во делот каде што констатира дека институциите треба да ја искоренат корупцијата мислиме дека претседателот треба да понуди некои конкретни чекори. Не само да констатира. Кај нас за жал претседателот дезертира во борбата против корупцијата кога пред неколку дена изјави дека немаме капацитет за ветинг со овој кадар во правосудниот систем“, посочи Халил Снопче.

Пратениците од власта пак го пофалија говорот на Пендаровски. Државничко обраќање на претседателот Пендаровски со значајни пораки за европски вредности дома, рече Даниела Колега од СДСМ. 

„Претседателот Пендаровски го потенцираше значењето на почетокот на преговорите со Европската унија. Одговорност на сите пратеници е да се направи и последниот исчекор – уставните измени. Не смееме да дозволиме самите да се блокираме туку целосно да го заокружиме процесот до полноправно членство во Унијата“, вели Даниела Колева.

Говорот на претседателот Пендаровски беше конструктивен, оцени Арбр Адеми кој особено се осврна на делот на уставните промени.

„Една од клучните теми кои ни преостануваат како политичари, политички партии и како општество во иднина се уставните измени. Ќе се направи јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ и бугарскиот народ“, порача Арбр Адеми.

Претседателот на државата Стево Пендаровски во Собранието имаше редовно годишно обраќање пред пратениците.