„Обединување со опозицијата за уставните измени“ – Борба со корупцијата, криминалците во затвор од затворен тип

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кога довербата на институциите е на ниско ниво, демократијата е во сериозна опасност, порача претседателот на државата Стево Пендаровски во годишното обраќање во Собранието откако тоа деновиве го покажа истражувањето на ИРИ. Истакна дека мораме сериозно да се справиме со корупцијата а начинот на кој граѓаните го пречека американскиот тим, вели, јасно укажува дека граѓаните немаат доверба во борбата со корупцијата. Пораката што притоа ја испрати е дека криминалците треба да бидат во затвор од затворен тип.

„Реалноста е дека никој однадвор нема да ја искорени корупцијата во Република Северна Македонија, ако тоа не го направат нашите институции и избраните политички претставници на граѓаните. Во оваа борба влогот е огромен. Државата или ќе ги стави криминалците зад решетки во затвори од затворен тип или некои од нив и понатаму со парите украдени од народот ќе продолжат да градат имиџ на чесни и доблесни граѓани“, вели Стево Пендаровски.

Пендаровски пред пратениците им порача и што очекува од нив, а тоа се уставните измени, во кои истакна дека тие треба да се случат во политички издржана процедура без притисоци и порача дека внесувањето на Бугарите во Уставот нема да се наруши македонскиот идентитет. Побара власта да направи напори за обединување со опозицијата околу ова прашање.

„Нам ни е насушно потребна кристално јасна и чиста правна и политичка процедура за промена на Уставот, каква што и доликува на една европска демократија. Никој никогаш не треба да притиска ниту да условува спротивно на својата волја. Власта мора да направи напори во целиот тек на преговорите во тимовите да учествуваат и експерти предложени од граѓанските организации, но и од опозицијата“, порача Пендаровски.

При крајот на неговото обраќање нагласи дека се повеќе граѓаните се отуѓуваат меѓу себе и ја губат почитта еден кон друг, а солидарност исчезнува од нашите животи. И на ова обраќање иако поканети не присуствуваа поранешните шефови на државата Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов.

„Да ви посакам во 2023 да имате здравје и среќа, вие и вашите најблиски, да си посакаме догодина да живееме барем малку подобро затоа што нашите граѓани тоа сигурно го заслужуваат. Да сте живи и здрави и да ни е вечна државата!“, додава Пендаровски.