За ВМРО-ДПМНЕ неприфатлива, за СДСМ, дел од кампања – идејата на Ахмети и Таравари за избор на претседател во Собрание

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Идејата на лидерите на АА и ДУИ, Арбен Таравари и Али Ахмети претседателот да се бира во Собрание со 2/3 од гласовите а не на избори, изгледа не е прифатлива за македонските партии. Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски не сакаше да коментира, бидејќи смета дека станува збор за изборна кампања. Вели дека такви важни работи треба да се усвојуваат со 80 гласа во Собрание и дека не зависи само од нив.

Против оваа идеја е и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според нив највисоката функција во државата е претседател на државата и истиот секогаш треба да се бира на избори.

Оваа идеја не ја поддржува ниту другиот кандидат за претседател од Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски. Според него, Уставот не е парче хартија кое постојано може да се менува. Вели дека на Македонија и треба претседател кој ќе го гарантира суверенитетот и Уставот.

Инаку како што соопшти денеска портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми, суштината на идејата е претседателот да може да се бира во Собрание со 2/3 гласови и со Бадентер за обезбедување општествен и меѓуетнички консензус, на начин, како што велат, да се спречи етничкото надгласување и наметнување од двете најголеми македонски политички партии.