Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов на својот Фејсбук објави инфографик преку кој се гледа зголемувањето на инвестициите во противпожарната бригада за време на неговиот градоначалнички мандат.
Тој за време на својот мандат во противпожарната бригада за само 3,5 години (2018-2021) инвестирал 151,5 милиони денари, што е за 50% повеќе од сумата која ја инвестирал неговиот претходник Коце Трајановски во 8 години (2009-2017) која изнесува 101 милион денари.
Имено, во противпожарната бригада има инвестирано во просек 38 милиони денари годишно, додека пак просечните годишни инвестиции во двата мандати на Трајановски изнесуваат само 11,2 милиони денари, што е речиси 3 и пол пати помалку во однос на инвестициите на Шилегов.
Основната нето плата на пожарникар во време на мандатот на Шилегов е зголемена за 20% и денес изнесува 22.540 денари, додека во 2017 година, во време на мандатот на Трајановски изнесувала 18.705 денари.
„Во периодот од 2018 до 2021 година во противпожарната бригада вработени се точно 41 нов пожарникар, а во тек е јавен оглас за вработување на 20 нови пожарникари. Освен подобрувањето на нивните работни услови, инвестиравме и во набавка на нови возила и нова опрема, со која веруваме ќе можат да ги извршуваат своите обврски уште подобро со цел да се обезбеди целосна заштита на сите граѓани“, пишува Шилегов.
