Во четири тетовски села е забрането консумирањето вода од водоводите, откако анализите покажале дека таа не ги исполнува условите за консумирање. Станува збор за населените места Мала Речица, Голема Речица, Порој и Џепчиште.
Оваа одлука дојде по последните анализи на Центарот за јавно здравје. Од комуналното претпријатие „Шари“ објаснуваат дека овие четири села не се снабдуваат од градскиот водовод на Тетово и дека одговорноста за снабдувањето и управувањето со водата е во надлежност на локалните структури, сепак нагласуваат дека заштитата на здравјето на граѓаните останува нивна административна одговорност.
– Ова се водоводни мрежи со кои управуваат самите месни заедници. Но, бидејќи селата се во надлежност на општината, имаме обврска да ги надгледуваме и да им правиме анализи на водата. Во овие четири населени места водата не се хлорира, затоа сме должни да им создадеме систем за хлорирање, за водата да биде што е можно побезбедна за пиење за сите жители, изјави Валон Зекири – ЈКП „Шари“.
ЈКП „Шари“ известува дека забраната останува во сила до ново известување од надлежните институции, додека до жителите се упатува апел да не ја користат водата за пиење или консумирање.
Но, во знак на револт и за да ја ублажи паниката кај жителите, претседателот на оваа месна заедница, Гајур Синани, испи чаша вода пред камерите.
Новинар: Вие велите дека водата се пие?
– Да, водата се пие и сега ќе ја испијам водата, сигурен сум 100 отсто, јас прв. Водата нема проблем, со водата во Голема Речица во моментот нема проблем. Ги чекаме анализите во понеделник. Најважно е и јас да бидам присутен, бидејќи бев во комисијата… ќе бидам и јас присутен бидејќи товарот паѓа врз мене. Населението, граѓаните се плашат дека ќе се случи нешто… секој се јавува на телефон: „што се случува со водата, што се случува со водата“. Водата е чиста како солза, нека не се грижат воопшто, вели Гајур Синани – месна заедница Голема Речица.
Синани бара појаснувања каде точно биле земени мострите, гарантирајќи дека водата во нивното село доаѓа од безбедни планински извори и дека квалитетот редовно се мери.
– Во моментот има три извори на вода. Еден извор е кај Попова Шапка, еден е кај Диновите ниви, како што разговаравме, е изворот на водата, а еден имаме директно од точката кај камењата. Ние правиме анализа секој месец или секоја недела, да, секој месец сме имале анализа на водата, дали е за пиење или каква е. Но, во моментот не знаеме каде земале мостри за анализа, дали во Голема Речица или во Мала Речица, бидејќи водата се дели погоре. Сега и Тетово ја зема таа вода што ја земаме ние. Имаме два базени кои содржат хлор, вели Гајур Синани – месна заедница Голема Речица.
Додека во главната мрежа на Тетово протекуваат 420 литри вода во секунда и контролите се вршат петпати неделно, управувањето со водата во руралните области останува жешка точка.
Центарот за јавно здравје врши околу 400 анализи годишно за цело Тетово и неговите 99 села, бројка која често се смета за недоволна за да ги опфати селата кои самостојно управуваат со водата.
