Забрчанец: Отпорот против дезинформациите ќе биде приоритет и во 2021 година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во 2021 очекувам сериозно да биде третирана темата прочистување на судството. На крајот на оваа година ќе биде презентиран концептот, за кој верувам дека правосудните органи ќе го одобрат, да го усвојат и да видиме конечно конкретни разврски поврзани со одвојувањето на нечесните од чесните судии во 2021, истакна националниот координатор за комуникациски стратегии, Марјан Забрчанец, на конференцијата на Цивил, насловена „Перспективи 2021“.

Понатаму, тој посочи дека за следната година и пописот е една од големите планирани операции.

-Друг важен проект, важна тема која што е од највисок интерес на населението, би рекол повеќедецениски интерес на населението, е пописот. Планираме во април да се спроведе пописот. Тоа е најважната статистичка, можеби и повеќе од статистичка операција за земјава. Немаме спроведено попис повеќе од една деценија. Податоците од тој попис се, и тоа како, важни за проекциите за развој на државата, пред сé, економски и социјални, се разбира, многу помалку политички, дополни Забрчанец.

Забрчанец истакна дека приоритет во 2021 година е отпорот кон дезинформациите, односно правилно информирање на граѓаните.

„Се разбира, освен стартот на преговорите, сé друго, и Ковид-19 и проблемот со Бугарија, не е нешто што некој го планирал, нешто што посакуваме да го имаме. Сакаме тие работи што поскоро да останат зад нас. Велам дека фокусот ќе биде на овие две теми, но и на справувањето со дезинформациите, коишто произлегуваат од овие две теми и со овој негативен феномен во општеството воопшто. Ние како влада планираме и во 2021 сериозно да се занимаваме со спречувањето на ширењето на лажни вести, односно пружање отпор кон феноменот дезинформации , во соработка со нашите стратешки сојузници, со НАТО, со другите влади на земјите членки на ЕУ и земјите членки на НАТО.“- рече Забрчанец.