Заедничка владина седница на Македонија и Бугарија, роковите во втор план – ќе се бара квалитетно решение

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На само неколку денови пред одржувањето на заедничката македонско-бугарска владина седница што во вторник на 25 јануари,треба да се одржи во Софија и на која треба да се утврдат работните групи за соработка со Бугарија од македонска страна вчера беа формирани овие тела. За копретседавачите на работните групи се именувани вицепремиерите и министрите од соодветните ресори, а во нив ќе членуваат и претставници од соодветните министерства. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека очекува овие работни групи да ги приближат двете земји, но околу постигнувањето договор, вели не сака да брза.


„Треба да стигнеме брзо до решени, меѓутоа никако да не избрзуваме и затоа и велам дека роковите ми се во втор план а квалитетно решение во кое ќе се задржи достоинството и на македонските граѓани и на бугарските граѓани и ќе биде донесено во духот на европските вредности во согласност со правилата на Европската унија тогаш можеме да кажеме дека имаме решение“, изјави Ковачевски.


Една од тие работни групи ќе биде и за унапредување на економијата меѓу двете земји. Министерот Бектеши вели дека многу лесно ќе се усогласат со Бугарија во економската сфера.


Ние сме ги направиле сите подготовки, ќе одиме во понеделник и вторник кај нашиот сосед Република Бугарија со конкретни предлози, со конкретни договори и меморандуми што би ги потпишале. Ќе ја слушнеме и нивната страна кои се нивните предлози и најверојатно во делот на економијата можеме многу лесно да се усогласиме, вели Бектеши.


Бугарскиот премиер Кирил Петков при посетата во вторникот рече дека нема да се губи време и најави изработка на план со реални достигнувања кои треба да бидат исполнети во следните шест месеци.

Тој ја истакна потребата од воспоставување железничка линија но и директна авиолинија Скопје – Софија.