Уште четири дена нѐ делат од објавувањето на резултатите од Пописот на население.
ТВ21 од извори во Заводот за статистика дознава дел од резултатите во однос на бројот на резидентното и нерезидентното население. Неофицијално дознаваме дека во Северна Македонија живеат 1 милион и 800 илјади граѓани. Заедно со дијаспората сме 2.1 милион, што значи дека околу 300 илјади живеат во странство. Вкупниот број граѓани кои имаат матичен број е 2,5 милиони.
Во однос на етничките заедници во земјава, согласно информациите до кои дојдовме, од 1,8 милиони резиденти околу 63 до 65% се Македонци, околу 29,5 Албанци, и 10-12% други заедници кои живеат во земјава.
Процентите варираат доколку во вкупниот број на население се вбројат и оние кои живеат во дијаспора, како што е предвидено со закон.
Заедно со дијаспората, според неофицијални извори, Македонците би излегле од 60 до 62%, Албанците 29,5%, а припадниците на останатите етнички заедници од 8 до 10%.
Не се знае дали овие бројки ја предизвикаа изјавата од пред неколку дена на директорот на ДЗС, Апостол Симовски, кој рече дека ќе биде прогласен за „државен непријател“.
Ваквата изјава на Симовски, првиот вицепремиер, Артан Груби, во емисијата „Клик Плус“, ја нарече „за жалење“, истовремено уверувајќи дека нема да дојде до никакви манипулации со бројките.
„Убеден сум дека сите тие тврдења ќе бидат отфрлени, ќе бидат демантирани до крајот на март, кога ќе бидат објавени резултатите. Сакам да им олеснам на граѓаните, нека бидат мирни бидејќи бројките се такви какви што се. Задоволен сум од целиот спроведен процес“, истакна Артан Груби.
ТВ21 дознава дека пред неколку дена, Заводот за статистика добил закани од група граѓани дека ќе предизвикаат инцидент на денот на објавувањето на резултатите. Но, од МВР ни рекоа дека досега не добиле никаква пријава од заводот.
Покрај тоа, друго прашање за кое дознава ТВ21 е и повлекувањето на поканата која ДЗС му ја достави на рускиот амбасадор, Сергеј Баздникин за учество на денот на презентирањето на резултатите. Откако рускиот амбасадор го потврдил своето присуство, штом дознале за тоа, заменикот-директор на Заводот, Селами го информирал вицепремиерот Груби, а тој пак премиерот Ковачевски, кој побарал од директорот на ДЗС да изнајде начин како рускиот амбасадор да не учествува на настанот по повод презентирањето на резултатите.
ТВ21 дознава дека деновиве до Руската амбасада е испратен допис, изготвен во МНР во кој дипломатски е побарано амбасадорот Баздникин да не присуствува на настанот. Во однос на ова прашање, побаравме став и од директорот на Заводот, Симовски, кој потврди дека „поканети биле сите амбасади согласно протоколите, пред земјата да ги замрзне релациите со руската“. Кога тоа се случи, ја повлековме поканата, заклучува Симовски.