Заев: Датумот за изборите не е ниту партиска ниту лична желба, по закон и Устав се на 5 јули

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на својот Фејсбук профил пишува дека итното одржување на изборите е неопходно и екстремно важно за да се вратат институциите кои мора да им служат на граѓаните во полн капацитет и легитимитет, а тоа е неопходно и за подобро справување со здравствената и економска криза предизвикана од коронавирусот.

Тој пишува дека датумот на изборите не е и не може да биде ниту партиска, а ниту лична желба, туку тој е одреден од Уставот и законите.

„На Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ здравјето на граѓаните воопшто не им е важно, тоа се само изговори за да нема избори. На средбата кај Пендаровски, Христијан Мицкоски не спомена ниту З од здравје на граѓаните, ниту З од здравство или здравствена криза. Граѓаните тоа го знаат. Впрочем токму Мицкоски шеташе по кафани и теретани, прекршуваше мерки, а неговиот министер Чулев го поткопува системот одвнатре и го загрозува здравјето на граѓаните“, истакнува Заев.

Тој додава дека ВМРО-ДПМНЕ три години правели опструкции, кочници и бојкоти.

„ВМРО-ДПМНЕ бараше предвремени избори, дадовме предвремени избори. Од декември наваму измислуваат изговори само да ги одложат, затоа што знаат дека граѓаните ќе ги казнат, знаат дека ќе загубат. Нема веќе бегање, нема одложување. Доста е! Стравот од пораз на изборите не смее да биде причина на било која партија да бојкотира избори или да бара нивно одложување и со тоа да ги става во опасност и народот и државата“, посочува Заев.

Тој потенцира дека законските и уставните услови за одржување на изборите се исполнети, а ДИК како извршно тело има обврска да ги спроведе изборите кои по закон и устав се на 5 јули. За непостапување по законите следува одговорност.

За крај додава дека не сакаат избори без опозиција, но доколку Мицкоски се одлучи за тоа, тие ќе покажат што можат да направат во еден мандат без саботажи.