Тесна трка меѓу кандидатите во вториот круг од локалните избори. Партиите чии кандидати ја поминаа првата фаза, продолжуваат со предизборната кампања. СДСМ во неколку албански општини ги поддржа кандидатите на ДУИ, а истото ќе го стори и во вториот изборен круг.
Во општините пак, каде во трка останаа двете коалициони партии Беса и ДУИ, Заев рече дека одлуката ќе им ја остави на граѓаните, а една од тие општини е Тетово каде силите ќе ги измерат Биљал Касами и Теута Арифи.
Исто ќе постапи и опозицијата. Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека во сите општини каде неговата партија нема кандидат, ќе ги поддржат кандидатурите на опозицијата.
Партиите продолжуваат да си даваат меѓусебна поддршка и за вториот круг. Во Чаир, Гостивар, Струга и Кичево, СДСМ ќе ја поддржи ДУИ, а ВМРО-ДПМНЕ пак, во Гостивар ќе застане на страна на Алијанса, партија која сѐ уште не се произнесе во однос на Тетово. ВМРО-ДПМНЕ застана и зад независната кандидатура на Данела Арсовска за градоначалничка на Град Скопје. Останува неизвесно кај кого ќе заминат гласовите на Алијанса за Албанците во Кичево.
