Заев и Ципрас ја добија „Хесенската награда за мир“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Парламент на германската покраина Хесен, Борис Рајн попладнево на специјална церемонија им ја додели „Хесенската наградата за мир“ за 2020 на премиерот Зоран Заев и на поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас.

Заради пандемијата со КОВИД-19, оваа награда за мир на Фондацијата „Алберт Освалд“ годинава првпат беше додели на онлајн церемонија.

Како што соопшти владината Прес-служба, премиерот Зоран Заев својот дел од наградата во висина од 25.000 евра го донира во солидарниот Фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот КОВИД-19

– Со Хесенската награда за мир, ние им оддаваме чест на две лица кои водеа кампања за мир и меѓународно разбирање и кои успеаја да решат конфликт што влече корени длабоко во историјата, изјави Рајн во обраќањето на церемонијата.

Тој нагласи дека Заев и Ципрас постигнаа договор за повеќедеценискиот конфликт меѓу нивните земји околу името „Македонија“, со што оставрија „вистински дипломатски подвиг што никој досега не го сторил“.

– Без нив, спорот за името што трае од осамостојувањето на Македонија во 1991 година ќе продолжеше да тлее и спорот меѓу двете соседни земји ќе продолжеше да го дестабилизира целиот балкански регион. Скоро триесетгодишниот спор за името меѓу Република Македонија и Грција беше мирно решен на 12 февруари 2019 година со договор. Пронајден е компромис, во иднина името на новосоздадената држава во 1991 година да биде „Република Северна Македонија“. За прв пат започна период на добрососедски односи и се отвори патот за Северна Македонија како сојузник во НАТО и партнер во Европската Унија, истакна Рајн.

Тој наглалси дека успехот постигнат со склучувањето на овој Преспанскиот договор имал влијание и надвор од регионот и испратил сигнал до светот дека не постои само правото на најсилниот и дека дури и во денешниот свет се уште постои патот на почит и компромис, патот на мирот и стабилноста.

– И со тоа, победниците не направија ништо помалку од тоа да го продолжат европскиот пат на одличен начин без да мора да се откажат од националниот идентитет, потенцираше претседателот на покраинскиот Парламент на Хесен.