Заев: Не знам веќе што сака Бугарија – од Бугарија стигна порака дека не се откажуваат од оние со бугарски пасоши

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонија останува на заложбите да ги решава прашањата со Бугарија, но и јас како премиер веќе не знам кој е проблемот. Ова го изјави премиерот Заев откако од Софија стигнаа нови пораки за тоа дека тие немале да ги предадат граѓаните со бугарско државјанство во Македонија

„Ако е тоа решение, да ги прашаме македонските граѓани со бугарски пасоши. Ние сме пријатели, јас навистина вчера испратив порака дека треба да го решаваме проблемот кој што не знам кој е проблемот. Претседател сум на оваа Влада, почнаа од долгото – краткото име, дефиниравме дека краткото име е исто што и долгото име Република Северна Македонија, нема никакви територијални претензии, нема да ја нападнеме Бугарија, таман работа, пријатели сме и не само тоа“, истакна Зоран Заев.

Ваквиот одговор на Заев уследи откако бугарскиот весник „Труд“ го пренесе ставот на Министерството за надворешни работи за тоа што ќе преземе во следните 6 месеци. Во него се наведува дека тие ќе продолжат со своите напори да ги објаснуваат нивните проблеми со Северна Македонија притоа додавајќи дека нема да се откажат од над 88 илјади македонски граѓани кои имаат бугарски пасоши, без притоа да појаснат, што конкретно се мисли со тоа. Во истовреме министерката Захариева , постојано укажува дека нема македонско малцинство во Бугарија.

„Би било неразумно да очекуваме дека бугарската позиција ќе се промени. Оваа позиција е предмет на натпартиски консензус и со 84 проценти јавна поддршка. Да не заборавиме колку бугарски граѓани се наследници на бегалци од Вардарска Македонија. Според Министерството за правда 88.450 граѓани на Република Северна Македонија, исто така имаат бугарско државјанство. Ниту една бугарска влада не може да ги предаде овие луѓе“, велат од Министерството за надворешни работи на Бугарија.

Од ВМРО-Народна се загрижени поради објаснувањата кои доаѓаат од соседна Бугарија, со цел да се оправда, како што велат од партијата, катастрофалниот чекор со ставањето вето на европската перспектива на Македонија. Од партијата на Љубчо Георгиевски  која во своите редови има голем број на членови кои покрај тоа што поседуваат бугарско државјанство, се изјаснуваат и како македонски Бугари, сметаат дека фактите го зборуваат токму спротивното.

„Додека трае овој спор ниту еден македонски граѓанин што поседува бугарски пасош, се декларира за македонски Бугарин или пак едноставно декларирал пријателство кон Бугарија, нема кажано никаков позитивен збор за бугарското вето, напротив сите тие се чувствуваат загрозени дека оваа кратковида политика која што доаѓа од Бугарија ја загрозува иднината на нивните семејства и нивните блиски“, велат од ВМРО Народна партија.

Во истовреме од пратеничката група на Зелените во Европскиот парламент беше испратена порака дека Европската унија треба да работи на повлекување на ветото за Северна Македонија да ги почне преговорите. Лидерите на Европската унија треба да сфатат дека играат многу опасна игра со проевропската поддршка и со политичката стабилност на Северна Македонија. Кога Европската унија не го исполнува ветувањето, други странски актери ќе се активираат и ќе го зголемат своето влијание во земјата, тренд што е веќе видлив во целиот регион на Западен Балкан, порачуваат од пратеничката група на Зелените во европскиот парламент.