Заев очекува деблокада во декември – отворете ги вратите, му се обрати Рама на Радев на Бледскиот форум

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Очекувањата да се формира политичка Влада  е во прилог на брзото одблокирање на процесот на Северна Македонија и Албанија за интеграциите во Европската унија, изјави премиерот Зоран Заев. Тој ова го изјави по вчерашниот лидерски форум што се одржа на Блед., на која на маргините на овој настан тој имал разговори и со бугарскиот претседател Румен Радев. Заев се надева дека по овие избори Бугарија конечно ќе формира Влада и ќе се успее да се постигне договор со новиот владин кабинет за да се деблокираат процесите во декември.

„Останува нашата надеж дека трета среќа во Бугарија, пред се за бугарскиот народ да формираат политичка влада за да можеме крајот на декември кога се држи и Советот на министри, а и Европскиот совет да се донесе одлуката за време на словенското претседателство. Јас верувам дека можеме да се надеваме на крајот на оваа 2021 година односно до крајот на декември да се донесе позитивна одлука, секако во зависност од позитивниот развој на настаните пред се во Република Бугарија“, истакна Зоран Заев.

Инаку, на вчерашниот Форум на Блед албанскиот премиер Еди Рама настапи со остри критики кон Европската унија поради тоа што земјите од Западен Балкан се предолго пред чекалната на унијата. Тој директно му се обрати на бугарскиот претседател Радев да го деблокира патот кон ЕУ.

„Сакам да ја искористам можноста и да му кажам на претседателот на Бугарија, ве молам, вие Бугарите, не бидете вистинска Европска унија, бидете малку балканци, отворете го патот. Отворете го патот. Што се обидувате да спасите? Се обидувате да спасите – што? Отворете го патот да разговараме. Дозволете да разговараме со нив а потоа, вие сте балканец можете целот време да бидете на патот и да кажете – не. Ние блокираме овде, блокираме таму, но отворете го патот“, посочи Еди Рама.

Радев кој е свесен дека притисокот врз Бугарија ќе се зголемува поради ветото врз Македонија, на вчерашниот форум зборувајќи за пристапниот процес на Западен Балкан рече дека мора да се има на ум што е важно во пристапниот процес дали процедурите или вредностите.

„Бугарија е силен поддржувач на процесот на проширување. Но ние сакаме да го видиме овој процес и нашата иднина стабилна. Ние сакаме да видиме стабилна и неповратен интегративен процес и за да ја осигураме одржливоста и неповратноста, ние мораме да се вратиме кон нашите вредности. Ние треба да бидеме сигурни дека нашите млади луѓе ќе се сретнат целосно слободни без предрасуди, без говор на омраза“, вели Румен Радев.

Во Бугарија веќе подолго време е во политичка неизвесност откако после два последователни изборни циклуси не може да се избере Влада. Оттука во ноември по трет пат годинава во Бугарија ќе бидат одржани парламентарни избори, а исто така во ноември закажани се и претседателските избори.