Заев: Помош за фирмите кои се затворени 2 недели – Угостителската комора се жали дека од декември не добиле ни денар

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Фирмите и сите други компании кои поради третиот бран од Ковид кризата ќе бидат затворени две недели ќе бидат опфатени со новиот, петти пакет мерки. Ова го изјави премиерот Зоран Заев кој истакна дека за помош на угостителите кои се најпогодени од кризата предвидено е да се покрие одреден процент, но истовремено нагласи и дека тие ќе можат делумно да работат.

„Предвидено е да се покријат процент од приходите остварени во првите три месеци годинава во форма на директна помош. Како и во вонредната состојба оние угостителски објекти кои вршат достава можат да продолжат истото да го прават и по полицискиот час секако со соодветни дозволи за движење. Дополнително во текот на денот може да продаваат храна и пијалоци од шалтер, тејк-авеј или ту-гоу без послужување во самите локали“, истакна Зоран Заев.

Од Туристичко угостителскиот сектор велат дека се наоѓаат во исклучителна тешка состојба и поради тоа што не можат да ги платат достасаните обврски голем дел од нив се принудени или да отпуштаат вработени или да ги затворат бизнисите.

„Од декември нема никаква помош, а веќе сме април. Состојба дополнително се влошува и поради тоа што носењето на новите рестриктивни мерки кои значат целосно затворање на објектите од угостителство и туризмот, не е проследено со дополнителна финансиска помош. Очекуваме надлежните институции да овозможат помошта од петтиот пакет итно да биде исплатена, да се даде неповратна финансиска поддршка за дејностите кои се опфатени со рестриктивните мерки“, велат од туристичко угостителската комора.

Министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека се предвидени олеснување во аплицирањето  за помошта во платите и за февруари и за март и тоа да го направат со една апликација.

„Во однос на мерката за плати што добиваат фирмите со цел да се компензира овој изгубен период се дава со амандманско решение се дава можност на 15 април да аплицираат и за двата месеца и за февруари и за март и со тоа и тие износи што ги уплатиле за март како што предвидуваше законот и мерката да може да се реализира од страна на фирмите“, вели Фатмир Бесими.

Досега се реализирани 4 пакети економски мерки, но усвојувањето на новиот петти пакет е се уште заглавен поради блокирањето на Собранието.