Веднаш откако ги изнесе предлозите јас разговарав со Георгиевски и му кажав дека Владата има сосема поинакви ставови.
Ова го изјави премиерот Зоран Заев во врска со скандалозните предлози за решавање на бугарскиот спор на претседателот на ВМРО-Народна Љубчо Георгиевски кој е и коалициски партнер на СДСМ.
Но како ова ќе влијае на натамошните преговори со официјална Софија со оглед дека ваквите изјави директно ги уриваат позициите на Македонија? Заев одбегна да даде оценка, само рече дека преговорите ќе продолжат по изборите во Бугарија.
„Јас уште вчера искомуницирав со господинот Георгиевски кога ја прочитав информацијата и логично и тој потврди дека тоа е негов личен став. Објаснив уште еднаш дека не може тоа да биде став ниту на Владата ниту на коалицијата заради тоа што јасни се нашите ставови како се позиционирани. Не би сакал да навлегувам подетално во делот на одговорите заради предвечерието на изборите во Бугарија. Навистина не би требало преку медиумите да коментираме, треба да продолжат разговорите помеѓу соодветните министерства“, истакна Зоран Заев.
Но дел од бугарските медиуми се ставија во одбрана на Георгиевски и во своите наслови пишуваат дека се прави, како што е наведено, масакр и линч над Љубчо Георгиевски. Од бугарска агенција Бгнес коментираат дека се шокирани поради тоа што предлозите на Георгиевски наидоа на осуда во Македонија.
„Во последните 24 часа во Македонија се одвива масовен и целосно координиран напад против поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски, откако тој предложи свој план за излез од ќор сокакот во нашите билатерални односи. Огромното мнозинство медиуми не го објавија краткиот текст на неговите предлози но наместо тоа објавија десетици коментари, анализи и реакции на „револтирани“ политичари, новинари и аналитичари“, пишува БГНЕС.
Со обвинувања и денеска се јавија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека Љубчо Георгиевски како коалиционен партнер на Заев заднички ги координирале овие постапки.
„Љубчо Георгиевски како коалиционен партнер на Заев во владата заеднички и координирано ги прават овие постапки. А зошто, треба да се запрашаат граѓаните на Република Македонија“, вели Ѓорѓија Сајкоски.
Скандалозните предлози кои Георгиевски ги изнесе а кои директно одат во корист на барањата на кои Бугарија инсистира што директно задираат во идентитетските прашања се дека Македонија треба да даде гаранции дека ќе се откаже од македонското малцинство во Бугарија. Истовремено тој предложи бугарскиот парламент да усвои декларација во која ќе стои дека македонскиот јазик и македонската нација се формирани по 1944 година.
