Заев: Прво Закон за ЈО а потоа распуштање на Парламентот – ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа закон напишан од експертите, вели Мицкоски

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Доколку опозицијата го блокира донесувањето на законот за јавното обвинителство парламентот нема да се распушти се додека тој не биде усвоен. Ова го изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев откако опозицијата најави нови условување за законот. Заев рече дека овој закон е многу битен за државата и доколку не се усвои до 12 февруари можно е пролонгирање на распуштањето на Собранието. Законот дозволува од 60 до 45 дена пред датумот на изборите да биде распуштањето на парламентот, рече тој. 

„Ако се обидува опозицијата да го минира, да го блокира или на било кој начин неговото донесување односно гласање тогаш нормално дека парламентот нема да се распушти се додека не заврши процесот на изјаснување на законот за јавно обвинителство како и протоколот за НАТО законот за одбрана или сличните закони заради тоа што дел од агендата за која што се договоривме сите е дека овие законски решенија до распишувањето на изборите и распуштањето на парламентот ќе се изгласаат. Ако некој го прекрши тоа, тогаш нормално дека распишувањето на изборите и распуштањето на парламентот нема да се случи“, вели Зоран Заев .

Иако денеска требаше да се одржат средби на парламентарните групи за да се утврди текстот на законот, до тоа не дојде поради отсуство на претставници на работната група на ВМРО-ДПМНЕ. Поддршка на законот за јавно обвинителство ќе дадат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ само за решение кое е изработено од експертската јавност, напиша на својот фејсбук профил, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„Потребно е квалитетно законско решение а не онакво какво што власта турка на мала врата на само недела и пол пред распуштање на парламентот. Затоа за ВМРО-ДПМНЕ, со цел да не се робува на суетата на одредени министри и стравот на Заев од одговорност, е прифатливо законско решение кое ќе го изработат и ќе произлезе од самата експертска јавност која беше вклучена во јавната дебата за законот за јавно обвинителство“, истакна Христијан Мицкоски.

Од кабинетот на министерката за правда Рената Дескоска информираа дека на одвоени средби со претставници на пратеничките групи што имаат поднесено амандмани за законот се разгледуваат забелешките, за да се постигне конечен договор за предлог текстот на законот. Целта е обезбедување консензус и двотретинско мнозинство за законот за јавно обвинителство, велат од министерството. Доколку се обезбеди законот ќе биде испратен во процедура на утрешната седница на Владата а се очекува законот до среда да биде доставен во Собранието.

error: Content is protected !!