Доскорешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев, на барање на родителите на убиените момчиња кај Смилковско езеро во април 2012 година, сведочи на денешното рочиште за „Монструм“ во Кривичниот суд.
Заев кажа дека сите материјали кои ги поседувале во СДСМ и во кои имал увид како претседател на партијата, биле предадени во СЈО.
Кажа дека од самиот увид на материјалите се гледа дека нема целосно континуитет односно луѓето кои биле вработени во МВР не можеле секогаш да земаат копии од тие материјали и да ги достават до тогашната опозициска СДСМ.
Заев потврди дека неколкупати се сретнал со роднини на убиените момчиња, кои сакале да добијат повеќе информации од „бомбите“. На една од средбите, дел од родителите изразиле сомневање дека правосудниот систем крие од нив информации и докази. Тој им презентирал аудио материјали кои ги побарале, без да им даде копија.
За тоа што јавно не ги објавил материјалите, Заев рече дека единствена причина била што сметал дека не постои целовитост за создавање целосна слика, и затоа на крајот решил, се што поседува, да не биде објавено, туку дека да биде доставено до СЈО, за тие да ги употребат за докажување на вистината за „Монструм“ пред судот.
