Заев: Тргнати се таблите, Бугарија не е фашистичка – „Разединетоста ја имаме наследено од претходните генерации“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со самиот факт што Бугарија прва не призна, таа фактички го признава и нашиот јазик и идентитет. Ова во интервју за бугарската агенција БГНЕС го изјави премиерот Зоран Заев. Тој сепак не говореше за она што излезе во јавност дека Македонија и Бугарија си размениле документи за надминување на отворените прашања и за што се однесуваат тие. 

„Бугарија е прва земја што ни ја призна сувереноста и државата. Признавајќи ја сувереноста на државата дефинитивно ни го признава и нашето право на самоопределување и тука во такви делови нема дилема дека реалноста дека сме Македонци и говориме македонски јазик е факт. На крајот тоа е чувство, тоа е право. Секој може да се определи како сака, како се чувствува“, вели Зоран Заев.

Сепак во еден дел од интервјуто вели дека народите во одредени делови на Македонија и Бугарија зборуваат сличен јазик.

„Јас се сеќавам на свиждањето, јас сум од Струмица. Тоа со Петрич што сме го правеле, знаете како струмичани и петричани исти јазик зборуваат толку сме блиски. И сега тоа е македонскиот или бугарскиот јазик, каков е. Толку сме блиски како луѓе“, посочи Заев.

Во однос на историските прашања Заев одговараше онака како што во изминативе денови се бараше од бугарска страна. Се откажа ли Заев од малцинството во Бугарија кога рече дека немаме малцински претензии, кое е потенцирано од бугарска страна во однос на Македонците во Бугарија. Рече дека со Бугарија имаме заедничка историја, дека Гоце Делчев е историска личност и за Бугарија и за Македонија, а Бугарија немала ништо заедничко со фашизмот, туку дека, како што и бугарски власти тврдеа тоа било администрација.

„Ние веќе, мислам дека има преку 20-ина  табли во државата сменето каде што стои бугарски фашистички окупатор. Тоа не е така, Бугарија не е фашизам. Бугарија е нашиот пријател. Имало некој пат некоја администрација во тој момент на почетокот потоа Бугарија се дига заедно со антифашизмот, се бори за слободата за демократијата и е дел од Антифашистичкиот фронт“, додава Заев.

Заев рече дека зборува од името на целиот македонски народ , а целата состојба на разединетост меѓу Македонија и Бугарија била наследено од  претходните генерации.