Во текот на 2025 година деловните субјекти во земјава зафатиле 6,067 милијарди кубни метри вода, што претставува намалување од 11,3 проценти во однос на претходната година. Од вкупно зафатената вода, искористени биле 3,096 милијарди кубни метри, додека 3,046 милијарди кубни метри биле испуштени како отпадни води. Само 20,6 проценти од нив, односно 629 милиони кубни метри, биле пречистени.
Според податоците на Државниот завод за статистика за користењето и заштитата на водите од загадување, речиси половина од зафатената вода или 49,7 проценти потекнува од површински извори.
Најголем потрошувач на вода и натаму е секторот за снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, кој учествува со 99 проценти од вкупно зафатените количества. Во овој сектор биле искористени 3,033 милијарди кубни метри вода од вкупно употребените 3,096 милијарди кубни метри.
Во останатите дејности, преработувачката индустрија користела 42 милиони кубни метри вода, рударството 12 милиони, земјоделството четири милиони, секторот за снабдување со вода и управување со отпад четири милиони, а градежништвото два милиона кубни метри.
Најголеми количества отпадни води се регистрирани повторно во енергетскиот сектор, каде биле испуштени 3,021 милијарди кубни метри, од кои 624 милиони кубни метри биле пречистени.
Кај другите дејности количините се значително помали. Преработувачката индустрија испуштила 14 милиони кубни метри отпадни води, од кои два милиона биле пречистени. Рударството испуштило два милиона кубни метри и исто толку пречистило, додека земјоделството испуштило два милиона кубни метри без пречистување. Секторот за снабдување со вода и управување со отпад и градежништвото испуштиле четири, односно два милиона кубни метри отпадни води, без евидентирано пречистување.
