Кратко откако премиерот вчера рече „наскоро“ за избори, министерот Фатмир Лимани сподели фотографија каде што пишуваше „со Фатмир Лимани сакавте борба, сега покажете колку вредите!“!
Ова се сфати како јасна порака на Лимани кон коалицијата ВЛЕН, чиј дел беше самиот до пред извесно време!
Но, што сакаше да каже Лимани со тоа споделување?
– Тоа беше споделување на објава од портал на мојот профил, но тоа не значи дека не сме за предвремени избори – колку побрзо се одржат, толку подобро ќе биде за нашата држава, за економскиот развој и во исто време за освежување на редовите како во рамките на ВЛЕН, така и во рамките на секој политички субјект или структура, изјави министерот за социјална политика и демоградија, Фатмир Лимани.
Прашање: Ќе бидете ли вие како структура на ВЛЕН на следните избори?
Лимани: Одамна сум завршил работа со ВЛЕН …
А сега, кога веќе не е во ВЛЕН, како кадар на која партија Лимани останува во Владата – на ВЛЕН или на ВМРО-ДПМНЕ? Тој одговори дека е министер на народот во власта меѓу партнерите на коалицијата ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ. Кога беше прашан за приближување кон ДУИ, Лимани ниту потврди, ниту негираше дека на следните избори ќе биде со интегративците.
ТВ21 упати прашање и до ВЛЕН за став во врска со предвремените избори. Нивниот одговор беше оној вчерашниот, во кој се наведува дека се во завршна фаза на обединување во еден политички субјект, што според нив ќе потврди дека се втора политичка сила во земјава. Според нив, Владата има стабилно мнозинство, со тенденција да се проширува.
– Владата има стабилно и значајно мнозинство, со тенденција дополнително да се проширува. Сметаме дека главниот фокус треба да биде реализацијата на политики кои го подобруваат животниот стандард на граѓаните и ги зајакнуваат сервисните функции на извршната власт, велат од ВЛЕН.
Во сабота, на 9 мај, партиите Демократско Движење, БЕСА, Алтернатива, еден фракциски дел од Алијанса за Албанците и претставници на Самоопределување се очекува да го одржат првиот конгрес за обединување во една единствена политичка партија.
