Во Северна Македонија почнувајќи од локалните избори во октомври, ќе се спроведува биометриско гласање односно гласање со отпечатоци на прсти. Усвоено е законска регулатива, но иако изборите се наближуваат, потребната опрема сѐ уште не е набавена. Од Државната изборна комисија велат дека е во тек постапката за приговори за тендерот, која се очекува да заврши в понеделник. Досега не е поднесена ниту една поплака, истакнуваат од ДИК, додавајќи дека се надеваат оти опремата ќе пристигне навреме. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ настојуваат дека изборите мора да се одржат со биометриско гласање.
И од Алијанса за Албанците велат дека „фингерпринтот“ веќе е законска норма па како таква мора да се почитува.
„На оваа тема би ве замолам да побарате одговор од ДИК, бидејќи фингерпринтот веќе е законска норма и е задолжителна на избори, како и избирачкиот список и гласачкото ливче“, велат од Алијанса за Албанците.
Од владејачката СДСМ, уверуваат дека изборите ќе се одржат во уставниот рок. Постапката за фингерпринтови е во тек
„Според информациите што ги имаме постапката за набавка е во тек, дека тие треба да се набават навремено и дека изборите ќе се одржат во уставниот рок со користење на фингер принтови, онака како што е пропишано во предлог законот“, велат од СДСМ.
ДИК ја избра германската компанија „Дермалог“ за набавка на техничката опрема за гласање со отпечатоци од прсти на претстојните избори. Инаку, изборите во Северна Македонија, било локални, парламентарни или претседателски постојано беа предмет на несогласувања меѓу партиите, кои секогаш го оспоруваа изборниот резултат, додека сега со терминалите за читање на отпечаток од прст, како што велат политичките субјекти, ќе се избегнат можните злоупотреби при гласањето.
