Хаки Азири и Фејзи Азири, двајцата осудени за помагање во случајот „Монструм“, осомничен како монтиран случај, можат да бидат амнестирани со Законот за амнестија што го изготви Министерството за правда. Ова за ТВ21 го изјави адвокатот на двајцата осудени, Насер Рауфи, кој очекува амнестија бидејќи делото за кое се товарат е само за „помагање“ во предметниот случај, додека од друга страна двајцата осудени веќе отслужиле две третини од казната.
„Секако ќе се амнестираат двајцата од случајот “Монструм“ кои се осудени на затвор, 15 години за Фејзи Азири и Хаки Азири со 9 години, бидејќи тие се осудени за помагање на сторителите на делото, значи не се осудени за дело “тероризам“ туку божем им помогнале на тие кои се виновни за делото да избегаат од земјава, а тоа значи дека ова е сосема поразличен член и дека законот за амнестија ги опфаќа и овие дела“, вели Насер Рауфи.
Министерот за правда, Кренар Лога, не сакаше да коментира дали законот за амнестија им оди во прилог на двајцата обвинети за „Монструм“. Тој додаде дека како работна група не навлегле во случајот поединечно да видат кој има корист од законот. Неколку пати повтори дека законот бил ист и во 2018 година и очекува поддршка од пратениците бидејќи истиот закон е донесен во тој период.
„Прашањето е пристрасно и поврзано само со еден предмет. Реков дека е истиот закон од 2018. Ако во 2018 се амнестираат вакви прекршоци, пак ќе се амнестираат. Законот не навлегува во конкретни работи, законот е ист и таков ќе се предлага и го предлага министерството до Собрание. Кој ќе биде опфатен ќе пресмета Управата за спроведување на санкции“, вели Кренар Лога.
Хаки и Фејзи Азири се осудени на 9 и 15 години затвор за помагање во убиството на 4 момчиња и уште едно лице кај Смилковското езеро на периферијата на Скопје. Првите двајца обвинети Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се во бегство на Косово, додека Агим Исмаиловиќ ја отслужува казната во затвор.