Албанската опозиција остро го критикуваше Законот за игри на среќа, велат дека ДУИ намерно во одредбите на овој закон со кој се предвидува објектите да бидат лоцирани најмалку 500 метри од училиштата , ги навел само обложувалниците но не и казината. Најпрво со европско знаме, а сега сакаат со сицилијанското знаме да го протуркаат овој закон, вели Изет Меџити од Вреди. Од албанската опозиција бараат итно да се отстранат не само казината туку и обложувалниците.
„Членот за отстранување на објектите за игри на среќа 500 метри од училиштата не ги вклучува казината. Тие не само што нема да се намалуваат туку ќе се множат со што ќе се зголеми бројот на апарати за да ги ‘одерат’ уште повеќе граѓаните. Итно бараме од Сицилијанскиот клан да тргне рака од масакрирање на нашето население. Итно бараме, не само на 500 метри, туку целосно да се отстранат не само обложувалниците, туку и казината.“, вели еџити.
Но ваквото тврдење го негира Арбр Адеми од ДУИ. Тој вели дека и казината се опфатени со овој закон.
„Кој е против донесување на овој закон? Мафијата на казината и обложувалниците и одредени политичари заробени од нивна страна. Предлог законот е достапен за јавноста и второто читање помина во Собрание. Можете слободно да читате што се опфаќа. Ние бараме дистанца да има 500 метри и на казината и на обложувалниците и на сите тие што организираат игри на среќа“, рече Адеми.
Покрај тоа што ќе има казина во секоја улица Артан Груби дал и 4 лиценци на фирми за он-лајн казина кои биле регистрирани пред само два месеца, обвини Меџити.
„Покрај проектот – казина во секоја уличка, Артан сега успешно го спроведува проектот – казина во секоја куќа, давајќи 4 лиценци за он-лајн казина, на компании каде партнер е Перпарим Бајрами, кој е добро позната лично и кој ги извршува наредбите на кланот. Државна лотарија Моцарт основана во јануари 2024, Државна лотарија Везуф основана во јануари 2024, Државна лотарија 77битс основана во декември 2023 година.“, вели Меџити.
Адеми тврди дека монополот на казината го има опозицијата.
„Интенцијата на ВМРО-ДПМНЕ и заробената албанска опозиција од страна на ВМРО-ДПМНЕ е да не се донесе овој закон за да продолжи монополот на некоја одредена фирма која е основана на криминален начин пред неколку години.“, рече Адеми.
Инаку, Законот за игрите на среќа веќе беше изгласан, но претседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот. Тој побара законот да се врати во Собрание и да се донесе по редовна постапка, а не како што претходно беше изгласан со европското знаме.
