Законот за попис меѓу партиските желби – ВМРО-ДПМНЕ инсистира на фингерпринт, Алијанса бара пописна комисија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Предлог законот за попис ги разгори партиските препукувања меѓу власта и опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека веќе имаат поднесено 26 амандмани на текстот на законот. И натаму инсистираат пописот да се спроведе со отпечаток од прст, бидејќи како што истакнуваат на тој начин ќе се спроведе вистински попис и ќе има реална слика за резидентното население. Но што е со оние граѓани кои привремено или на подолг период се надвор од државата. Како тие ќе се попишат со овој метод.

„Подобро е доколку сакаме релевантни и кредибилни податоци кои што ќе бидат одобрени од сите чинители во државата да се изготви методологијата, да имаме увид, да бидат расчистени сите нејаснотии по неа, да бидат обезбедени тие апарати за отисок на прст.  Република Македонија долго време чека попис, меѓутоа Република Македонија чека попис кој што ќе даде кредибилни, статистички податоци кои што ќе служат на државата во наредниот период. Во спротивно, ќе го сметаме дека ова е повторно една политичка операција на партиите на власт“, истакна Никола Мицевски.

Од Алијанса за Албанците и Алтернатива пак со барање пописот да го спроведува Државна пописна комисија, наместо, како што тоа е предвидено Државниот завод за статистика. Иако Пописната комисија целосно би го политизирал процесот бидејќи би бил составен од политички претставници а не од професионалци, Скендер Реџепи вели дека тие не и веруваат на државната институција.

„Имаме наши амандмани особено кон рокот кој треба да се заврши истиот попис да биде до 30 април за да не остане некоја единица да биде непопишана. Ние ќе бараме реализацијата да не ја води Заводот за статистика затоа што како коалиција ние немаме доверба во скоро еднонационална институција во која што од 9 раководни места нема ниеден Албанец“, посочи Скендер Реџепи.

За владејачкото мнозинство не се прифатливи барањата  ниту на ВМРО-ДПМНЕ ниту на Алијанса Алтернатива. Пописот не смее и нема да зависи од волјата на политичките партии и нивните лидери, велат од СДСМ.

„Пописот како статистичка операција  според највисоките меѓународни стандарди на ЕУ ќе го организира и спроведе Државниот завод за статистика. Со предлог законот за попис имаме за цел оваа статистичка операција, сега но и во иднина да не се третира повеќе како политичко прашање. Тие сега излегуваат со некој предлог за фингерпринт. Јас само едно ќе поставам прашање, дали тие навистина сакаат да имаме попис во 2021 или не сакаат“, вели Снежана Калеска Ванчева.

Предлог законот за попис денеска се најде на расправа пред пратениците на Комисијата за европски прашања, но јавноста и медиумите не можеа да ја следат седницата, бидејќи не се пренесуваше он-лајн. Законот се очекува да се најде на собраниска седница на усвојување по 18 јануари, а пописот се планира да се одржи во април идната година.