Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот се закани дека ќе го нападне Оман доколку оваа земја се вмеша во напорите на САД во Ормускиот Теснец, додека конфликтот со Иран продолжува, а истекува и рокот од два месеца за мировни преговори без јасен пат за ставање крај на војната.
„Ако Оман ни се испречи на патот, ќе го бомбардираме до целосно уништување“, изјави Трамп во интервју за Треј Јингст од „Фокс њуз“.
Коментарите на Трамп доаѓаат откако во понеделникот истече 60-дневниот рок за мировните преговори меѓу САД и Иран, договорен во јуни, без да биде објавен конкретен план за завршување на војната.
Во меѓувреме, Иран во понеделникот соопшти дека неговите разговори со Оман во врска со Ормускиот Теснец се сложени, но дека продолжуваат.
Ова не е првпат Трамп да му се заканува на Оман, кој е сојузник на САД. На седница на кабинетот во мај, претседателот изјави дека „Оман ќе се однесува исто како и сите други, во спротивно ќе мора да ги разнесеме“.
Трамп за „Фокс њуз“ потврдил и дека неговата администрација воспоставила директен канал за комуникација со Исламската револуционерна гарда на Иран, но додал дека не брза да постигне договор.
„Тие се добри покераши, но се во критична состојба“, изјави Трамп. „Немам рок. Не брзам“, додал тој.
