Законското усогласување на минималецот е најдобра опција за експертите – Бауш: Недостасуваше државата да биде арбитар во социјалниот дијалог

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Законското усогласување на минималната плата со кое во март работниците треба да добијат околу 25 евра покачување на минималецот е најдобрата опција во моментов – сметаат експертите. Универзитетските професори Марјан Петрески и Абил Бауш во емисијата Бизнис 21 истакнаа дека легитимно право на синдикатите е да протестираат, но во сегашните економски услови законското усогласување претставува балансиран пристап кој ја штити и куповната моќ на работниците и макроекономската стабилност, без да создава дополнителни ризици за инфлација и фискален притисок.

„Дека минималната плата е најниска во регионот, да најниска е ако ја гледате изолирано, односно како апсолутна бројка, меѓутоа ако ја гледате во однос на некој друг агрегат, во однос на просечната плата или пак побитно ако ја гледате во однос на ценовното ниво, тогаш ќе заклучиме дека не само што не е најниска, туку е некаде на средината ако го гледате целиот европски континент или малку десно од средината“, истакна Марјан Петрески.

„Во овој случај недостасуваше државата да биде арбитар во овој социјален дијалог, ајде да го наречеме. Значи не се даваа одредени, спомна професорот, статистички бројки на кои што треба да се види дека тоа е вака, вака, вака, поминуваше цело време. И сега затоа се создаде и овој синџир на незадоволства и јас мислам ќе продолжи, затоа што немаше тој социјален дијалог, не се стави во одредена рамка и да се направи една конкретна стратегија како понатаму еве и да се зголеми таа минимална плата“, порача Абил Бауш.

И двајцата со став дека ланските буџетски проекции, но и тие за годинава се напумпани и се песимисти дека ќе се реализира планираното.

„Годинава ќе биде истата судбина. Еве ако не настане ребаланс во кој што ќе ги скратат приходите, в година ова време викнете ме ќе разговараме и повторно ќе биде 90, 92 посто затоа што проекцијата е надувана. Од такво нешто нема потреба. Значи треба проекцијата да се порамни со реалноста и потоа на расходната страна да се види што ќе се прави. Неопходна е рационализација, затоа викам дека овој простор каде што вие ќе ветувате дополнителни социјални доходи, инфузија на социјални доходи во економијата, не постои е исцрпен“, вели Марјан Петрески.

„Ако одиме кон ова што го гледаме, буџетот како е конструиран, и ајде сега политички да речеме, ако имам дури и предвремени избори во државата, не мислам дека ќе има пак 2 до 3 проценти инфлација оваа година. Мислам не дека имам некоја научна прогноза направено, но перцепција“, вели Абил Бауш.

-Значи инфлацијата и годнава можно е да остане висока според вас?

„Јас мислам да“.

Експертите децидни дека без структурни реформи македонската економија вака како што е поставена не може да произведе раст поголем од 3 до 4 проценти. Според нив, сите влади до сега се одговорни за растот на јавниот долг. Велат во иднина се поскапо ќе се задолжуваме, но ќе растат и трошоците за камати кои ќе ги плаќаме.