Децата со Даунов синдром се подарок од Господ и родителите треба да се гордеат со нив, вели Ферјан Шкрета, мајка на 10-годишно момче со Даунов синдром.
-Да им порачам на родителите кои минуваат низ оваа болка поради Даунов синдром, дека треба да се чувствуваат горди, бидејќи овие деца се многу добри и даваат многу повеќе љубов од секој нормален човек, вели Шкрета.
Ферјан е од Македонија, но веќе неколку години живее во Франција. Вели дека си заминала од Македонија поради дискриминацијата и стравот од врсничко насилство.
-Додека бевме во Македонија, многу се плашев од насилството, врсничкото насилство беше мојот најголем страв, но кога дојдов тука, се чувствував како сите други мајки, рече Шкрета.
Таа раскажува дека во Франција децата со Даунов синдром се ангажираат согласно талентот кој го имаат.
-Откако детето ќе наполни 9 или 10 години го земаат во намера да откријат во што се снаоѓа најдобро. Работат со него и гледаат до каде може да оди тоа дете. На пример, некој покажува талент за лекар, некој за музичар. Децата со Даунов синдром покажуваат доста талент за музика, вели Шкрета.
Ферјан има апел до сите родители кои биле дел од петицијата за отстранување на Амбла од класот во основното училиште во Гостивар:
-На оние кои поднесоа петиција за отстранување на детето од училиште и кои не му даваат максимална посветеност, би сакала да им порачам дека на овие деца треба да им дадеме малку повеќе љубов бидејќи имаат потреба од тоа. Ние денеска можеби сме добро, но не знаеме утре на каков тест ќе нѐ стави Господ, додава Шкрета.
Мајката Ферјан вели дека во Франција нејзиниот син до 9-годишна возраст одел на училиште со останатите ученици и немал никакви пречки и барикади, туку напротив, наишол на голема поддршка и грижа од страна на сите.
