Вистина е дека на европскиот пат на државите од Западен Балкан се појавуваат проблеми, но тие во повеќето случаи доаѓаат поради замагленоста на европската перспектива за сите земји од регионот, вели за ТВ21 претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ. Тешките реформи треба да се исполнат, но додава дека застојот произлегува од заморот, а потоа од неодлучноста на ЕУ за политиките за проширување, кои според Ѓукановиќ биле меѓу најуспешните на ЕУ,но за жал имало застој кога на дневен ред дошол Западен Балкан.
„Јас мислам дека тој застој отвора простор за упаѓање на трети страни, за жал тие трети страни настапуваат со платформи кои се спротивставени на суштинските европски интереси и тоа носи дополнителна конфузија во политиките на државите од Западен Балкан. Како што гледате сега ние за жал сме сведоци на обновени идеи за редефиниција на Балканот“, истакна Мило Ѓукановиќ.
Во интервјуто за ТВ21 за време на Преспанскиот форум за дијалог, Ѓукановиќ рече дека е неприфатливо за кредибилитетот на ЕУ билатералните прашања како што е тоа меѓу Скопје и Софија, да се користат за загрозување на европската перспектива на државите.
„Ако навистина сакаме да допринесеме за стабилноста и европеизацијата на овој регион треба да се започнат преговорите со овие две држави, треба да се даде визна либерализација на Косово и треба да се даде дополнителен импулс на преговарачкиот процес со Црна Гора и со Србија“, додава Мило Ѓукановиќ.
Ѓукановиќ кој веќе 20 години е на политичката сцена на Црна Гора, зборуваше и за резервираноста на Црна Гора во однос на таканаречениот Мини шенген кого сега за сега го поддржуваат Скопје, Тирана и Белград. Рече дека до оваа иницијатива доставил две прашања.
„Имав две дилеми. Првата е немојте да ги множиме регионалните иницијативи, мене ми се чини дека моментално имаме мрежа од регионални иницијативи во која почнавме самите да се заплеткуваме. Моето прашање беше што ново ни носи таа иницијатива во однос на она што веќе го имаме со Берлинскиот процес, сеуште не сум добил одговор на тоа прашање, што е ново а да веќе не е опфатено со Берлинскиот процес. И другото прашање ми беше дали некој мисли дека со нудење на „мини-шенгенот“ на нас ни нуди алтернатива за членство, а тоа е нешто што никогаш не би го прифатиле. Значи, ние сакаме членство“, посочи Мило Ѓукановиќ.
Што се однесува до прашањето меѓу Косово и Србија, претседателот на Црна Гора рече дека тоа припаѓа на актуелното раководство на двете држави. Тоа што секако треба да се разберат двете страни, според Ѓукановиќ, е дека ексклузивниот пристап кон прашањата не води до целта.
