Запалено знамето на Бугарија, реагира Захариева, Османи го осуди чинот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Заедно со традиционалното палење на маските, на Вевчанскиот карневал беше запалено и знамето на Бугарија. Полицијата вели дека го регистрирала случајот, а по идентификувањето на сторителот, ќе биде покрената соодветна пријава. Овој чин ја налути официјална Софија. Министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева, со реакција преку амбасадата во Скопје.

-Му порачав на бугарскиот амбасадор во Скопје да го искаже пред Владата на Република Северна Македонија, нашето силно несогласување со овој вандалски чин. Амбасадорот Ангелов веќе упати остар вербален демарш во Министерството за надворешни работи на РСМ.-рече Захариева.

Северна Македонија, чии пристапни преговори ги блокираше токму Бугарија, го осуди палењето на знамето на источниот сосед.

-Вековна традиција не смее да биде загрозена преку активности со кои се омаловажуваат или навредуваат народи, држави, особено нашите соседи. Го осудуваме палењето на знамето на Република Бугарија на Карневалот во Вевчани, чин кој не само го нарушува реномето на Карневалот туку и нанесува штета на угледот на Република Северна Македонија-изјави Османи.

Со реакција се јави и Претседателот Стево Пендаровски.

-Палењето на знамето на Република Бугарија за време на карневалот во Вевчани е недопустливо и за осуда. Меѓу соседите е неопходно градење на доверба, разбирање и почитување-е ставот на Пендаровски.

Палењето на бугарското знаме доаѓа во време кога воопшто не се гледа светло на крајот од тунелот во однос на преговорите Скопје-Софија. Земјите разменија документи за унапредување и изнаоѓање решение, но сѐ уште не откриваат што поточно содржат тие.

Актуелната реторика на функционерите во Македонија е дека блокадата на Бугарија е резултат на тамошната предизборна кампања, но пред неколку дена од бугарското МНР рекоа дека не треба да се надева дека по изборите нешто ќе се промени. Спорот меѓу двете земји е поврзан со историски и јазични прашања.