Патниците од крузерот „MV Hondius“, на кој беше регистрирано ширење на хантавирус, денеска започнаа да се евакуираат откако бродот пристигна кај островот Тенерифе на Канарските Острови во Шпанија.
Според шпанските власти, Светската здравствена организација и компанијата „Oceanwide Expeditions“, ниту еден од повеќе од 140 патници и членови на екипажот кои сè уште се на бродот моментално не покажува симптоми на вирусот.
Евакуацијата се спроведува под строги безбедносни мерки. Лицата кои се симнуваат од бродот, како и персоналот во пристаништето Гранадилја на Тенерифе, носат заштитни маски, скафандери и респиратори. Шпанските државјани први го напуштија бродот и беа пренесени со помали чамци.
Крузерот пристигна на Тенерифе рано утринава, откако на 6 мај испловил од Кејп Верде. Досега три лица починаа како последица на епидемијата, а кај пет патници кои претходно го напуштиле бродот е потврден хантавирус – инфекција што може да предизвика сериозни и животозагрозувачки компликации.
Шпанската министерка за здравство Моника Гарсија изјави дека операцијата се одвива нормално и дека сите патници ќе бидат медицински прегледани пред да бидат транспортирани со специјални летови кон нивните матични земји.
На бродот има патници од повеќе од 20 националности, а евакуацијата треба да заврши до понеделник. Светската здравствена организација и шпанските власти го надгледуваат процесот, при што е нагласено дека патниците и екипажот нема да имаат контакт со локалното население.
Хантавирусот најчесто се пренесува преку вдишување честички од измет или урина од заразени глодари и ретко се пренесува меѓу луѓе. Сепак, варијантата Андес, која е откриена кај случаите на бродот, во одредени ситуации може да се пренесува и од човек на човек. Симптомите обично се појавуваат меѓу една и осум недели по изложеноста.
На патниците им е дозволено да понесат само мала торба со неопходни работи, мобилен телефон и документација, додека багажот останува на бродот. Дел од екипажот, како и телото на еден починат патник, ќе останат на бродот кој ќе продолжи кон Ротердам во Холандија, каде ќе биде извршена целосна дезинфекција.
Во меѓувреме, повеќе земји организираат специјални летови и карантин за своите државјани. САД, Велика Британија, Холандија, Франција, Австралија и Норвешка веќе најавија мерки за евакуација и медицински надзор на патниците по нивното враќање дома.
Британските власти истовремено испратија медицински тим на оддалечениот остров Тристан да Куња во јужниот Атлантик, каде е регистриран сомнителен случај кај патник кој претходно бил на крузерот.
