Започна оградувањето на депонијата „Дрисла“ – Ѓорѓиевски: Ќе се трансформира во модерeн центар за рециклажа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Започнаа работите на оградување на депонијата Дрисла.

За да го види ова одблиску, на терен беше министерот за животна средина Изет Меџити, придружуван од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и кандидатот на ВЛЕН за градоначалник на Студеничани, Седат Бислими.

-И тука, на самото место, од денес започнуваме со имплементација на проектот за реконструкција на оградата и темелот околу депонијата Дрисла. Со средства од Министерството за животна средина во вредност од 9 милиони денари ќе се изгради ограда од 4800 метри и висина од 1.5 метри, изјави министерот за животна средина Изет Меџити.

-Оваа активност започна денес со оградување на депонијата Дрисла, а во иднина, во соработка со Владата, со Град Скопје и со г. Орце, ќе работиме и на други приоритети поврзани со Дрисла, вели кандидатот на ВЛЕН за градоначалник на Студеничани, Седат Бислими.

Ѓорѓиевски вети дека, доколку го добие мандатот за управување со главниот град, во Дрисла ќе биде изграден современ центар за рециклажа на отпадот.

– Конечно, од една страна, ќе го заштитиме здравјето на нашите сограѓани, вработените ќе имаат многу подобри услови за работа отколку денешните, а од друга страна, ние како главен град ќе имаме корист, изјави Орце Ѓорѓиевски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје.

На прашањето кој ќе управува со претпријатието Дрисла, Ѓорѓиевски изјави дека се коалициски партнери со ВЛЕН и дека се фокусирани на своите идеи, но додаде дека ќе бидат партнери и во Градот Скопје.