Поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, ја повлекол тужбата против поранешната обвинителка Вилма Русковска. Тој ја тужеше поради изјава во телевизиска емисија, во која таа рече дека ѝ било нудено да ја запре истрагата за предметот „Софтвери“, каде тој е првообвинет, а за тоа да добие унапредување. Русковска за ТВ21 потврдува дека тужбата е повлечена, но не успеавме да добиеме одговор од Рашковски зошто се одлучил на таков чекор.
Во меѓувреме денеска започна судскиот процес меѓу двајцата поранешни шефови на најважните институции во државата надлежни да гонат криминал и корупција, Управата за финансиска полиција, чиј шеф беше Арафат Муареми и Обвинителството за гонење организиран криминал, предводено од Вилма Русковска.
Муареми поднесе кривичната пријава против Русковска, бидејќи тој смета дека претресот извршен во Финансиската полиција бил незаконски.
Како се започна? На почетокот Русковска штедеше на зборови за причините за претресот во Финансовата полиција и само кажа дека обврска на обвинителство е да провери и да види дали има нешто основано во анонимната пријава. Муареми пак „не и остана должен“ и возврати со претставка до Државното обвинителство и до Советот на обвинители.
Тогаш тој ја доби првата битка против Русковска, бидејќи јавното обвинителството на Љубомир Јовески регистрираше пропусти во претресот, затоа што во случајот можело да постапува единствено Специјализираното одделение за гонење кривични дела извршени од лица со полициски овластувања.
Тоа на Муареми му даде дополнително ветер во грб за да ја најави кривичната пријава против обвинителките. Тој тврди дека претресот бил со единствена цел да му се наруши неговиот углед и да се доведат во прашање сите постапки што ги водел. Мотивот на Русковска, според него, е да ги заштити интересите на нејзините блиски луѓе, пријатели и соработници за кои Финансиската полиција води предмети.
Од Муареми се дозна дека Русковска во барањето за претрес до Судот тврдела дека располага со докази дека шефот на Финансиската полиција го направил кривично дело за кое се товари- примање награда за противзаконито влијание.
Управата за финансиска полиција на тоа реагираше дека обвинителката кога го поднесувала барањето располагала со докази каква награда примил директорот и од кого ја примил, и во кој период, но кога се вршел претресот обвинителите побарале „ предметите оформени по поднесени анонимни кривични пријави, поднесени од 2018 година до денот на претресот“.
Русковска и денес стои на својата одлука, што можеше да се слушне и во нејзината изјава по распитот кога рече „ако повторно има шанса да направи претрес во Финансиската полиција, пак би го сторила истото“.
На очиглед на јавноста и двајцата не поминаа без последици. Русковска доби суспензија, а Муареми се повлече од неговата функција.
