„Затруена“ почва со арсен во Лојане – учениците и понатаму ги демне ризик

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Се наоѓаме кај училиштето „Рилиндја“ каде учат децата од селата Лојане и Ваксинце. На само 100-тина метри има остатоци од арсен кои се канцерогени за учениците“, истакна репортерката на ТВ21.

На само стотина метри воздушна линија од рудникот, настава следат ученици од две села кои секојдневно вдишуваат арсен, а на ризик се изложени и сите жители. Директорот на училиштето, Идриз Сулејмани вели дека проблемот треба да се реши на државно ниво.

„Секоја иницијатива што е преземена остана само на зборови, не е спроведена, освен што наводно е направена некаква покривка со која е покриен и отстранет арсенот, но тој сѐ уште е тука. Ова е државен проблем. Министерството за животна средина треба да преземе чекори, да направи нешто во овој правец, бидејќи тука има 360 ученици. Нивните животи се постојано загрозени“, вели Идриз Сулејмани.

Сулејмани вели дека тие треба да останат во ова училиште бидејќи имаат вложено доста во него, а училиштата каде би се дислоцирало се многу далеку и немаат доволно простор. Од Министерството за образование и наука не добивме одговор дали ќе биде дислоцирано ова училиште и што ќе биде  со овие ученици?! Градоначалникот на Липково, Еркан Арифи, за ТВ21 рече дека досега имало неколку иницијативи за отстранување на арсенот, како од ресорните министерства, така и од странски здруженија, но, како што додава не е исчистен целосно поради тоа што тоа би чинело многу пари. Уверува дека се во преговори со централната власт за решавање на проблемот.

„За жал има остатоци од арсен и други руди кои се штетни за здравјето на луѓето. Општина Липково е рурална општина со мал финансиски капацитет и не е во можност целосно да го исчисти арсенот и другите руди. Во однос на дислоцирањето на училиштето, тоа не може да се направи бидејќи во него следат настава ученици од две села – Лојане и Ваксинце, а други слободни објекти немаме“, додаде Еркан Арифи.

Од Министерството за животна средина велат дека е тестиран дел од остатоците во близина на основното училиште во Лојане, поради итната потреба од намалување на ризикот по здравјето на децата. Министерството за економија, пак, потпиша договор за експлоатација на остатоците како техногена минерална суровина со компанијата „Калтун Маденџилик“ која побарала да се повлече од концесијата.

„Ако не успее процесот на концесија, ќе ги разгледаме сите други можности за решавање на проблемот со депонијата во Лојане и пошироко. Поради тоа што остатоците во Лојане беа дел од договорот за концесија, оваа активност не е предвидена во буџетот на министерството“, посочуваат од Министерството за животна средина.

Инаку, во близина нема поставено ниту една табла која укажува на ризик од овие остатоци. Слични остатоци на арсен има и во Табановце.