Владата останува на ставот дека автопатот Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година. Оваа прогноза беше повторена при денешниот увид на градежните работи кај клучката Подмоље која треба да биде пуштена во употреба најдоцна до утре. Оваа клучка ќе овозможи безбедно поврзување на Охрид и Струга, но и на Македонија со Албанија. Со пуштањето на оваа клучка во употреба се решава и проблемот кој беше наследен од претходната влада, која реши да ја урне клучката, без да ги има решено имотно правните односи околу експропријацијата. Интензивно се работи и на приклучните патишта, со кои сите населени места ќе имаат пристап до автопатот.
„Така што со подпатниците и со надпатниците кои што се работат, како и со влезовите се решаваат сите села. Имајте предвид дека немаше проекти, немаше ни експропријација, владата на секоја седница носи одлуки за експропријација и тие се завршени и нема да има село или населено место на овој потег кое што нема да е споено или директно на автопат или со пристапен пат на најблиската точка каде што може да се приклучи на автопат и само кога сето тоа ќе е завршено, ќе се пушти во функција и овој дел.“, изјави Николоски.

Според Николоски, ако не се правеа приклучните точки, делницата од Климештани до Охрид ќе беше веќе пуштена во употреба.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека интензивно се работи на делницата, дека фирмите деноноќно се на терен и им се заблагодари на граѓаните што се трпеливи поради проектот кој се гради една деценија и кој претрпе големи измени и дополни на проектот.
„Но тоа се проекти кои што мораме да ги направиме, како што каже и министерот, бидејќи едноставно 15.000 луѓе не може од нивните населени места да летаат на автопатот. Ќе мора и тие да имаат пристапен пат од нивното населено место до приклучокот со автопатот. Зашто тоа не било предвидено, не било направено, тоа е друга тема.“, вели Мицкоски.

Мицкоски додаде дека има голема динамика и на други три делници, тоа се автопатот Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Прилеп – Битола, но има и два јавни повика за тендерски постапки на две други автопатски делници, а тоа се Букојчани – Кичево и граничен премин Блаце – Скопје. Тие се во фаза на проценки и поднесување на финансиски понуди.
