Завршни зборови за Ласкарци, се бараат најстроги казни за сите обвинети

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Обвинителот Дарко Јакимовски побара најстрога казна за обвинетите во случајот Ласкарци, сопственикот на Дурмо-турс Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски,а како соучесници и за вработените во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски. Јакимовски во своите завршни зборови рече дека вина во сообраќајната несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 лица имаат сите обвинети кои направиле голем број пропусти. Покрај пресудата побара и да им се изрече забрана во иднина да се занимаваат со оваа дејност.

„Немам никакви дилеми дека врз основа на силата на доказите кои се изведени на расправата сите обвинети може и треба да одговараат за тоа што се случило само врз основа на објект на вина, евентуално умисла. Размислете и погледнете го односот на секој обвинет, посебно кон последицата. Кај сите нив без исклучок постоела безобзирност во настапувањето на последиците. Тоа е основниот инстинктивен елемент за разграничување на свесната надлежност од евентуалната умисла.“, изјави обвинителот Дарко Јакимовски.

Роднините на загинатите побараа најстроги казни за обвинетите. Не може ништо да ни ги надомести загубата на нашите најблиски, рече Благојче Трпевски родител на загинатиот син Јовица Трпевски.

„Да се осудат со најстроги казни обвинетите се со цел во иднина да не се повтори ваква трагедија.
Ние нашите деца нема да ги вратиме за тоа сме свесни иако нашиот живот веќе 5-та година се претвори на семејството во пекол.“, изјави Благојче Трпевски.

Според Дељо Кадиев адвокат на првообвинетиот Дурмиш Бељули рече обвинението оди во крајност и дека несоодветно е да се бараат казни за обвинетите.

„Обвинение кое уште на самиот почеток беше невозможно целосно да се докаже бидејќи е логично ако возачот е крив и несреќата настанала како резултат на негово невнимание никој друг не треба да биде крив или пак, ако несреќата е резултат на неисправност на автобусот тогаш барем возачот не требал да биде обвинет.“, рече Кадиев.

Автобуската несреќа се случи на 13 февруари 2019 година околу 17 часот во близина на селото Ласкарци. Во неа загинаа 16 лица а околу 30 лица беа повредени.