Независниот медицински синдикат го оквалификува зголемувањето на платите од 10 отсто во здравството како ниско и понижувачко. Претседателот Горан Ристески вели дека покачувањето нема да се забележи ниту да има некаква улога, бидејќи платата на дел од вработените во овој сектор е помала од минималната плата. Според него, Министерството за здравство требаше да ги зголеми платите за најмалку 20%.
Секое покачување на платите е добредојдено велат од Здружението на медицински сестри, техничари и акушери “За нас“, но ова не ја компензира одговорноста што ја имаат медицинските сестри.
Министерот за здравство Фатмир Меџити пред два дена одржа средба со претставници на Синдикатот за здравство по повод потпишувањето на Договорот меѓу Министерството и Синдикатот на здравствените работници за ново зголемување на платите на медицинскиот персонал во јавното здравство. Како што се наведува во соопштението на Министерството за здравство, станува збор за утврдување најниска плата за здравствените работници и ќе се функционализира зголемувањето од 10 отсто за сите здравствени работници, предвидено со општиот колективен договор.
