Зеколи: Требениште – Ќафасан ќе биде редизајниран – ДУИ: Ова е откажување од перспектива за развој

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Делницата од Автопатот Требениште–Ќафасан нема да биде откажана, туку ќе се направи нов проект за тој дел, велат од Министерството за транспорт и врски. Заменичката министерка Калтрина Зеколи за ТВ21 изјави дека по добивањето на одлуката на хартија од УНЕСКО, ќе започнат постапки за редизајн за да се избегнат археолошките зони од културното наследство, но без да се загрозува животната средина според нивните забелешки.

Зеколи ги отфрла гласините дека овој сегмент ќе заврши во Охрид, нагласувајќи дека во новиот проект ќе се обезбедат поврзувања со до градот Струга и со Аеродромот Охрид како дел од Коридор 8.

„Имаме нејаснотии затоа што кога беше направен проектот од претходната влада, УНЕСКО не беше консултирано, покрај чувствителноста на оваа зона која е богата со археолошки остатоци… Сепак, немаме конкретна одлука, чекаме одлука од УНЕСКО, но она што е важно да се истакне е дека врската со нашиот албански сосед ќе се оствари. Во меѓувреме разгледуваме други опции за редизајн, различни начини за остварување на оваа врска. Сепак, експертите од оваа област гледаат можности како оваа врска да се реализира, но едно е сигурно – врската на Струга со Албанија преку Ќафасан ќе се оствари без сомнеж.“, рече Зеколи.

Од опозициската ДУИ повторно реагираат дека образложението на УНЕСКО е „замачкување очи“ за јавноста. Фатон Пололжани изјави дека со ВЛЕН на власт, не само што нема развој, туку се укинуваат и проектите и достигнувањата кои се граделе со години. Според него, откажувањето на трасата Требениште – Ќафасан од Коридор 8 е јасен доказ.

„Ова не е само откажување на еден пат. Ова е откажување од перспектива за развој, од стратешки коридор и на голем државен интерес. Образложението дека ова се прави поради УНЕСКО е слаб изговор за оние кои сакаат да најдат причина да не се работи. Кога има политичка волја, се наоѓаат решенија. Кога нема волја, се наоѓаат образложенија. Проблемот не е технички, проблемот е политички и намерен. За тоа одговорноста паѓа директно врз ВЛЕН. ВЛЕН е дел од владата. ВЛЕН носи одговорност. Но за проекти кои се директно поврзани со Албанија и Косово, не сме виделе никаква реакција, никакво противење, никаква позиција.“, изјави Положани.

Пред еден месец, претставници на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Париз, за време на средбата со четирите министри и двајца градоначалници, дале 8 забелешки за заштитените зони на Охридското езеро, од кои само една се однесуваше на автопатот од Коридор 8, а другите за бесправни објекти покрај езерото. Во меѓувреме, од албанска страна, работите продолжуваат за поврзување на Коридор 8 со автопат кон граничниот премин Ќафасан, иако УНЕСКО исто така им дало препораки за работите во заштитената зона на Охридското езеро. Се очекува дека и граничните објекти на Ќафасан ќе бидат проширени од двете страни.