Згасна компанијата чиј хеликоптер падна во Хадсон во Њујорк: „Имаат смртоносно досие“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Њујорк Хеликоптер Турс, чиј хеликоптер се урна во реката Хадсон во Њујорк минатата недела, при што загинаа сите шест лица во него, ги затвори своите операции, објави вчера вечерта Федералната управа за авијација на САД (ФAA).

ФАА потврди дека Њујорк Хеликоптер Турс „веднаш ги затвора своите операции“ додека Националниот одбор за безбедност на транспортот (НТСБ) ја спроведува главната истрага за несреќата. ФАА додаде дека „ќе продолжи да ја поддржува“ истрагата, но и ќе иницира итен преглед на лиценцата на операторот и безбедносната евиденција.

ФАА, исто така, објави поширока анализа за безбедноста на летот со хеликоптери во САД, велејќи дека веќе ги анализира ризичните точки и дека ќе одржи специјална панел-дискусија за безбедноста на хеликоптерот на национално ниво на 22-ри април.

И покрај најавата за затворање, веб-страницата на Њујорк Хеликоптер Турс сè уште беше активна утрово, а резервациите за 1 мај сè уште беа отворени. Сите датуми во април беа означени како недостапни.

Компанијата објави кратка изјава за несреќата на својата веб-страница, велејќи дека е „длабоко тажна поради трагичниот настан“ и дека е фокусирана на „целосна соработка со истрагите на FAA и NTSB“. Се уште не е познато дали компанијата ќе може повторно да се отвори по истрагата.

Истиот ден, лидерот на демократите во американскиот Сенат, Чак Шумер од Њујорк, ги повика федералните власти да ја одземат дозволата за работа на компанијата и да ги засилат инспекциите на сите други туроператори со хеликоптери.

„Овие компании кои нудат тури со хеликоптери околу Њујорк имаат смртоносно досие“, рече Шумер.