Зголемен број на заразени во Тетово – дел од медицинскиот персонал се вакцинирал, а дел одбил

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Клиничката болница -Тетово во моментов има 23 хоспитализирани пациенти со Ковид-19. Гзим Нуредини, координатор на ковид-центарот, вели дека сите пациенти се во тешка здравствена состојба и се приклучени на кислород. Според него, дневно се јавуваат околу 80 пациенти кои имаа симптоми или сакаат да направат ковид-тест.

„Во ковид-амбулантите е зголемен бројот на прегледите, што алармираше дека ќе има и зголемување на бројот на хоспитализирани. Последниве две недели нагло почна да расте бројот на пациентите. Во моментов имаме 23 хоспитализирани кои се во тешка состојба и имаат потреба од кислород и терапија. Во амбулантата исто така има пораст на бројот на пациенти кои бараат помош и кои се упатени од матичните лекари да направат контрола, рентген, или слика за следење на ковид-состојбата“, истакна Гзим Нуредини.

Според Нуредини, дел од медицинскиот персонал веќе се вакцинирал, но има и такви кои одбиле да ја примат вакцината.

„На почетокот беше направен план за лекарите кои се во ковид-центрите или вработените кои се да кажеме во црвената зона. Можеби некој од нив одби, но повеќето ја примија. Еден дел одби, но сега чекаме да почне вакцинирањето и на другиот дел“, порача Гзим Нуредини.

Во Тетово се очекува деновиве да биде пуштена во употреба и модуларната болница која ќе располага со 50 легла и лабораторија за третирање на пациентите заразени од коронавриус.