Жена почина по нападите со запаливи бомби врз домови на членови на владејачката партија во Грција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Една жена почина од тешките повреди здобиени во серијата напади со запаливи бомби и импровизирани експлозивни направи пред три станбени згради во Солун, во кои живеат членови на грчката владејачка партија Нова демократија.

Според грчките власти, нападите се случиле рано утринава, меѓу 4:00 и 4:45 часот, кога пред три станбени објекти биле поставени импровизирани експлозивни направи изработени од мали плински боци. Во експлозиите и пожарите првично беа повредени пет лица, кои беа пренесени во болница со изгореници и проблеми предизвикани од вдишување чад.

Жртвата е 72-годишната Вагија Нестора, мајка на Афродити Нестора, кандидатка на Нова демократија. Таа се здобила со тешки изгореници и откажување на повеќе органи, по што им подлегнала на повредите во болница во Солун.

Во истиот напад е повредена и Афродити Нестора, која има изгореници и последици од вдишување чад и сè уште е хоспитализирана. Во болница се задржани и нејзиниот татко, кој има и други здравствени проблеми, како и уште двајца жители на зградата поради респираторни тегоби.

Полицијата соопшти дека во еден од нападите биле опожарени автомобили и мотоцикли, а едно од оштетените возила наводно било во сопственост на кандидатката на владејачката партија.

Грчките власти го третираат случајот како терористички напад. Премиерот Кирјакос Мицотакис ја посети болницата во Солун по инцидентите и порача дека насилството нема место во едно демократско и организирано општество, додавајќи дека сторителите ќе бидат идентификувани и изведени пред лицето на правдата.

Во Грција нападите врз имот поврзан со политичари, полицијата и државните институции, за кои најчесто се осомничени екстремистички групи, не се реткост. Сепак, ваквите инциденти вообичаено предизвикуваат материјална штета, додека случаи со смртни последици се исклучително ретки.