„Жената не е репродуктивна машина, мора да има избор“ – Економската состојба и условите главен кочничар за семејство

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Стабилна работа, добри плати, отворени можности за создавање семејство и сигурен систем се главните предизвици со кои треба да се бори земјава за да ги врати младите дома и да го најде лекот за лошата демографска состојба. Претставници од Канцеларијата на Фондот за население на Обединети нации, Владата, невладиниот сектор, работодавачи, синдикати денеска на заедничка маса со цел зацврстување на дијалогот за родово одговорните семејни политики преку искористување на демографскиот потенцијал.

„Младите се клучниот фактор во целиот тој процес. Кога зборам за младите за оние кои што се репродуктивни кои што можат да ствараат можност за семејства да градат тука иднина во Македонија, а сето тоа можеме да го направиме доколку има стабилни работни места, добри плати и сигурност во системот каде што живеат, од судство и обвинителство, па се до тоа да дечињата, на крајот од денот, нели  тие што ќе ги имаат да имаат каде да идат, односно да има детски градинки, да нема такви листи на чекање“, порача Ѓоко Велковски.

Владата, бизнис секторот, невладините – сите треба да се активни чинители во тој процес. Земјава има потенцијал во високиот процент на неактивни жени. Од Канцеларијата на Фондот за население на Обединети нации велат-поради економската состојба, можностите да создаваат семејство, жените се исправени помеѓу изборот да станат мајки или да го остварат својот професионален сон.

„Жената не треба и не е репродуктивна машина и никогаш тоа не треба да се третира како така. И тоа што е битно е жената да може да има избор. Гледаме по анкетите дека жените и паровите сакаат да имаат повеќе деца. Тука се прашањата зошто не го реализираат. Дали се здравствени причини, дали како што рековме се економски дали се непостоење на услуги што ќе им овозможат на паровите и да работат и да создаваат семејство“, вели Афродита Шаља.

Дека демографската состојба е лоша кажа и премиерот Мицкоски.  Рече дека се раѓаат се помалку деца, населението старее, а младите се во потрага на подобар живот надвор од границите. Бројките покажуваат дека во 2024 година се родиле 16.061 деца, а починале 20.201 лице, што е природен пад од 4.140 луѓе за само една година. Стапката на наталитет падна од 12,5% во 2010, на 8,8 во 2024. А во последните четири години земјава изгубила повеќе од 33.000 жители, што е како да исчезна еден град како Кавадарци или Кичево.