Жесток настап на носителките на ИЕ6 – Стојановска: Коалицијата со ДУИ ни е последна опција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повикот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за национално обединување за важните прашања за државава се чини не само што не ги доближува двете најголеми македонски партии, туку и ги раскара носителките на кандидатските листи во 6-тата изборна единица Славјанка Петровска од СДСМ и Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.  И Стојановска но и Петровска меѓусебно се обвинуваа за промената на името на државата.

НАТО и наметнатото име, едно со друго врска немаат. Со Преспанскиот договор ние требаше да влеземе во ЕУ. Испадна дека сега мора уште еден чекор да се направи за да влеземе во ЕУ. Значи не било тука крајот. Значи вие немате црвена линија, вие имате неколку црвени линии и сето тоа ќе го филувате во историска тешка одлука. Знаете што е историска тешка одлука, во која што ќе учествуваат сите и сите ќе се жртвуваат за таа историски тешка одлука. Не може вие да носите одлуки во име на народот“, вели Дафина Стојановска.

Дали ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија додека сте биле власт цели 11 години во континуитет од 2006 година до 2015 преку вашите министри за надворешни работи сте разговарале за промена на уставното име тогаш Република Македонија. Одговорете им на граѓаните, дали сте разговарале…. разговаравте за промена на уставното име да се нарекува Горна Македонија во заграда Скопје“, порача Славјанка Петровска.

Но што станува со условот на албанските политички партии, прво уставни измени за отпочнување преговори со ЕУ, а потоа формирање Влада. Стојановска без конкретен одговор, но на прашањето за коалиција со ДУИ рече дека им е последна опција.  

Прво да почекаме да видиме со која бројка на мандати ќе заврши ВМРО-ДПМНЕ на 8 мај. Без разлика, еве и да освоиме 61 пратеник нема да останеме само ВМРО-ДПМНЕ секако дека ќе понудиме коалиција, но нашите ставови околу потпишаниот  бугарски договор се јасни“, вели Дафина Стојановска.

Новинар: Целосно ја исклучувате евентуална можна коалиција со ДУИ?

Не во политиката, никогаш не вели никогаш во политиката,  за ДУИ можам да кажам дека ни е последна опција за коалицирање.

Петровска пак во врска со барањата на албанските политички партии вели дека досега не разговарале за постизборни коалиции, но дека позициите на СДСМ  во однос на ова се јасни.

Ние во овој момент не сме разговарале за коалиции меѓутоа од ставовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коалицијата која предизборно ја формиравме јасни се нашите позиции за повеќе прашања. И за оние политички прашања, вклучително и за промената на Уставот и прифаќањето на Преговарачката рамка со Европската унија , затоа што веќе немаме договор само со Бугарија туку Преговарачка рамка со Европската унија“, вели Славјанка Петровска.

За претседателските избори кои ќе се одржат в среда и Стојановска и Петровска кои очекуваат нивните кандидати да влезат во вториот круг најавија дека ќе ги повикаат албанските партии за да ја дадат поддршката за нивниот кандидат.