Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ синоќа ја обвини Цементарницата „Усје“ како еден од најголемите загадувачи во Скопје и поднесе иницијатива за нејзина дислокација од градот, поради, како што велат, сериозното загадување што секојдневно го предизвикува. Според податоците на платформата „Клајмат трејс“, топланата во Кисела Вода се наоѓа меѓу 10-те најголеми светски загадувачи.
Од иницијативата побараа Советот на Град Скопје и градоначалникот да заземат јасен став за овој проблем и да го пренесат до сите релевантни институции на централната власт.
-Денес ја поднесувам иницијативата до Град Скопје за дислокација на Цементарницата „Усје“. Предлагам Советот да заземе став, а градоначалникот тој став да го достави до органите на власта – Владата, Министерството за животна средина, Инспекторатот за животна средина и Собранието. Целта е да започне институционален процес кој ќе води до дислокација на овој голем загадувач, кој според „Клајмат трејс“ спаѓа во 10-те проценти најголеми загадувачи во светот, изјави Маријан Калевски, советник од „Зелен хуман град“.
