Жителите на Лабуништа на протест против каменоломите – „Стоп за каменоломите, не ја закопувајте нашата иднина“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Стоп за каменоломи“, „Не ја закопувајте нашата иднина“ ова беа паролите што демонстрантите од струшко Лабуништа ги држеа во раце.

Тие го блокираа регионалниот пат Струга-Дебар барајќи од  надлежните да преземат мерки и да ги затворат каменоломите во Лабуништа.

Лабуништа има проблем со каменоломите од 1996-97 година кога почнаа да се отвораат еден по еден.

Пред две години беа затворени, но сега почнуваат повторно да се отвораат еден по еден.

Жителите обвинувањата за каменоломите ги упатуваат до Министерството за економија.

„Добро е што дојдовте пред влезот, а не внатре во Лабуништа бидејќи и вие ќе почувствувавте мирис и чад на нешто нечисто. Јас сум претставник на дијаспората, овде не живеам 12 месеци, туку месец и половина и се борам за нашето Лабуништа“.

Жителите на Лабуништа велат дека доколку не се реши проблемот со каменоломите ќе ги бојкотираат следните избори.

Следен чекор на жителите ќе биде бојкот на наставата во училиштето Лабуништа каде учат повеќе од 1000 ученици, а протестите во иднина ќе ги радикализираат додека не ја постигнат целта каменоломите во ова село целосно да бидат затворени.