Жителите на Лабуништа се фатија за работа и ја исчистија депонијата – поставија и надзорни камери за да ги „фатат“ оние кои фрлаат отпад

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Некои со лопати, некои со машинерија, а некои пак со раце. Вака жителите на Лабуништа се организираа и ја расчистија депонијата во селото.

Насобраниот смет во оваа струшка населба со години наназад претставуваше голема главоболка и грижа за локалното население, особено напролет и во текот на летото кога, како што велат мештаните, отпадот се пали и се шири непријатна реа низ целата област.

Жителите и еколошките организации во неколку наврати бараа депонијата да се расчисти. Но, имајќи предвид дека нивното барање не наидуваше на слух од надлежните органи, тие решија работата да ја земат во свои раце. Во соработка со „Комунална хигиена“-Лабуништа ја исчистија депонијата.

Отпадот од Лабуништа се транспортира во струшката депонија.

Од организацијата „Натура Лаб“ информираат дека на местото каде што порано била дивата депонија се поставени камери од сите страни и местото е под надзор 24/7, со цел да се има увид дали и кој ќе фрла отпад во исчистениот дел.

Друг проблем со кој се соочуваат жителите на Лабуништа, а за кој ТВ21 неколкупати известуваше се каменоломите во близина на селото, кои извесен период беа стопирани, но повторно почнаа со работа откако беше донесена судска пресуда.