Жителите на Сарај бараат кружен тек – скапо ги плаќаат полните линии на булеварот „Ѓорче Петров“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Овие полни линии на булеварот „Ѓорче Петров“ жителите на Сарај ги плаќаат скапо. Во недостиг на кружен тек, тие мора да патуваат дополнителни 2км за од Сарај да стигнат во Кондово или другите села. Откако пред две години беа поставени семафори,  оваа улица доби и две полни линии, со кои всушност се затвори влезот од Сарај кон Кондово. Жителите се принудени да одат до почеток на општина Ѓорче Петров за да завртат кон Кондово. Но, честопати возачите ги преминуваат овие линии, поради што, како што велат жителите, се случуваат многу сообраќајки. Таму постојано има полиција која ги казнува учесниците во сообраќај кога  ќе ги прекршат правилата. 

„Секој ден има сообраќајќи, затоа има и казни… Никој не презема мерки тука. Тука се минува за Кондово, Рашче, Свиларе, Горно Свиларе, Радуша…возат уште 4км надолу…. Катастрофа“, вели жител.

„Има многу казни, полицијата застанува таму и изрекува казни“, додава жител.

Првиот човек на Сарај, уште во 2018 година рече дека се работи на изнаоѓање решение за овој пат.

„Ова беше дел од мојата  програма и дел од програмата на градоначалникот на Скопје, г.Шилегов. Во постојана комуникација сум со градоначалникот на Ѓорче Петров и на Град Скопје. Секако дека се работи и наскоро ќе има решение за ова прашање“, посочи Блерим Беџети.

Денеска од општина Сарај добивме писмен одговор дека тие неколкупати праќале барање до Град Скопје, но од таму, како што пишува, им било кажано дека патот не ги исполнува условите за изградба на кружен тек. 

„Имајќи предвид дека овој пат е доста фреквентен и често доаѓа до сообраќајни незгоди поради недостиг на кружен тек, општина Сарај неколкупати достави барање до Град Скопје за решавање на овој проблем со кој се соочуваат жителите на Сарај. Од таму ни одговорија дека патот не ги задоволува законските услови за изградба на кружен тек или отстранување на полните линии“, велат од општина Сарај.

Минатиот месец во општина Сарај се изречени 377 глоби, од кои мал дел поради неносење маска и управување возило без возачка дозвола, но од МВР не откриваат на што се однесува останатиот дел од казните. Се обидовме да стапиме во контакт и со Град Скопје, но тие беа недостапни за коментар.