Шефот на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел денеска соопшти дека добил негативен резултат на коронавирус и дека излегува од самоизолација.
Тој беше во самоизолација од 13 октомври, по информацијата дека член на делегацијата на ЕУ со кого минатата недела патувал во Етиопија, бил позитивен на Ковид-19.
– Минаа седум дена откако последен пат бев во контакт со позитивна личност, а тестот што го направив вчера беше негативен, рече Борел.
Тој го продолжи својот карантин по информацијата дека белгиската министерка за надворешни работи Софи Вилемс и шефот на дипломатијата на Австрија Александар Шаленберг, кои минатиот понеделник присуствуваа на состанокот на Советот на ЕУ со кој претседаваше Борел, се позитивни на коронавирусот.
