Поради прашања од средниот век не можеме да се развиваме во 21-виот век, потенцирал премиерот Христијан Мицкоски на средбата со првиот човек на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, како и на состанокот со државниците од регионот чиј домаќин беше претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен во Брисел. Според Мицкоски, засега одлучувачки фактор за европерспективата се билатералните прашања и процесот мора да се заснова на постигнувањата на земјата.
„Ние не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми и за нас принципот „тие се таму, вие сте надвор и ако сакате да бидете таму треба тоа да го прифатите“, простете, но ние такво нешто не можеме да прифатиме, а од друга страна ни велат дека има желба да бидеме како држава членка во Европската Унија. Мојот одговор на таа теза е „ако има желба има и начин“, рече Мицкоски.
Мицкоски истакнал дека за пристапувањето и европските вредности не треба да се носат одлуки во Европската Унија со едногласност на земјите-членки, бидејќи, според него, тоа произведува ултиматуми. Сепак, како што додаде, Македонија ќе продолжи да предлага решенија иако земјата е жртва на билатерални проблеми.
„За време на ручекот еден од присутните спомена дека се потребни жртви, да се направат во овој процес на интегрирање во рамките на Европската Унија. Јас само потенцирав дека „жртва“ и „правење жртва“ можеби за нас е добар збор, политички коректен збор, бидејќи ние бевме жртва на многу понижувања во минатото. Пожртвуваност е нешто друго, ние бевме понижени многу пати.“, рече Мицкоски.
Мицкоски во Брисел беше придружуван од шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани. Причина за посетата беше Планот за раст за Западен Балкан. Фон дер Лајен на социјалните мрежи напиша дека сите шест земји од регионот и припаѓаат на Европа, а Европската Унија работи на тоа и паралелно ги доближува економиите и пазарите до европските со Планот тежок шест милијарди евра.
